Ексклузивно

Како се пошумуваше Водно?



Ова е Водно во далечната 1920 година, а Скопје денес се протега токму во подножјето на оваа пуста долина.

Пред повеќе од шест децении, затвореници, адвокати, службеници, граѓани од сите општествени пори го пошумуваа Водно. Се работело деноноќно, биле преселувани цели села, се пренесувале гробови и се создавале нови населби.
Скопските хроничари се присетуваат дека веднаш по завршетокот на Втората светска војна, во 1946 година, затвореници од „Идризово“ биле испратени да почнат со пошумувањето на скопскиот рид.

„Тие дури и спиеја во зградите на Санаториумот на Водно, во малите ниски згради каде што сега се наоѓа Црвен крст. Во 1948 година, следуваат ударничките акции. Се агитирало меѓу граѓаните од сите слоеви, адвокати, службеници, трговци... На почетокот работеле единствено во саботите и во неделите, а потоа и секојдневно. Малку подоцна, во 1949 година, почнува агитацијата преку организациите на Народниот фронт низ сите скопски маала. Некои граѓани и по три месеци работеле на пошумувањето на Водно“, вели писателот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски. 

За успешно пошумување биле вклучени стручњаци од Шумарскиот факултет, а оперативните работи биле изведувани од Управата на вонградско зеленило. Она што ние и нашите предци тука сме го работеле во средината на минатиот век, може да ни позавидат многу развиени држави. Така на пример, при мојот престој и обука во Јапонија, домаќините гордо ни ги прикажуваа нивните најнови дострели во пошумување и уредување на порои, а незнаева дека тоа беа истите оние кои ние тука на Водно сме ги применувале пред повеќе од пола век.

Планината е долга 12 километри, а широка 5,5 километри, односно зафаќа површина од 4.573 хектари. На Водно, како што велат стручњаците, растат 1.010 видови растенија, од кои дури 868 се автохтони.


No comments