Ексклузивно

Протест пред МЗШВ на шумските полицајци поради лошите услови за работа


Неостварените ветувања и недоволниот ангажман за решавање на наталожените проблеми на припадниците на шумската полиција, денеска резултираа со протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на кој од министерот Љупчо Николовски побараа подобрување на условите во кои работат. Тие побараа да им се плати прекувремената работа и работата во смени, како и во најскоро време да се потпише колективен договор. Вработените во шумската полиција најавуваат радикализација на протестот ако во наредните недели не најдат заедничко решение за проблемите со кои се судруваат.
„Доколку не ни излезат во пресрет најавуваме помасовни протести, а ако и тоа не вроди со плод крајна цел е генерален штрајк“, изјави Никола Гаговски претседател на независен синдикат на шумска полиција.
„Ако има штрајк, 50% од вработените ќе бидат на работа. Тоа е согласно законот“, рече Слободан Маневски заменик претседател на независен синдикат на шумска полиција.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставниците на синдикатот ги примија на разговор, каде се отворило и прашањето за материјало-техничките услови за работа на Шумската полиција, при што е договорено таа да има активна улога во измените и дополнувањата на Законот за шуми.
По средбата од министерството издадоа соопштение, според кое:
На средбата се разговараше за евиденцијата на прекувремените работни часови кои ќе се докажуваат со записници за одземање на предмети и средства. Опфатени беа и дискутирани постапките пред другите надлежни органи со што реално ќе се увиди потребата од прекувремени часови. До средината на мај се очекува да заврши процесот на преговори за потпишување на колективен договор. Претставниците на шумската полиција отсега ќе имаат активна улога во процесот на измена и дополнување на Законот за шуми.“
Во шумската полиција има околу 400 вработени кои се задолжени за патролно чување на шумите, односно за спречување на нелегалните сечи на шумите, за нелегалниот и легалниот лов и риболов и за други тековни проблеми. И покрај тоа што припадниците на шумската полиција се соочуваат со големи проблеми, сепак најголем дел од запленетите нелегално посечени дрва се токму заслуга на шумската полиција, иако најчесто незаслужено заплената и се припушува на ЈП “Македонски шуми“ кое има законска обврска на повик на шумската полиција да излезе на терен и да ги превземе запленетите дрва.
Ова јавно претпријатие е задолжена за реонско чување кое е недоволно ефикасно, што дополнително ги оптеретува со работа припадниците на шумската полиција. Поради слабата реонска заштита шумите во одредени делови од нашата држава се безмалку целосно посечени и можеби треба сериозно да се размисли за одреден период да се прогласи мораториум на сечи во овие делови, со што би се овозможило да се обнови шумата. Како особено преексполатирани што со легални што со нелегални сечи се посочуваат делови од скопско, кичевско, кумановско и др.



No comments